ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Повторно се пробива рокот за делниците на автопатот Охрид – Кичево

Ако пред речиси еден месец на истата оваа локација, во присуство на бројна градежна механизација и работници, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Агенцијата за државни патишта, Ејуп Рустеми најавуваа градежна експанзија на автопатот Охрид-Кичево, денеска на истото ова место нема ниту една машина, а бројот на работници е многу мал.

На делницата се асфалтирани едвај два до три километри. Иако, при посетата на патот функционерите најавуваа дека десната лента од Требеништа до Охрид ќе биде завршена и пуштена во употреба до почетокот на август, а левата до крајот на годинава, според динамиката на работа, тоа е тешко изводливо. Еве што минатиот месец кажа директорот Рустеми.

„Kонстатиравме дека се пробиени околу 95% од трасата. Најголемиот дел од инфраструктурните проекти веќе се одобрени. При крај е да се решат целосно проблемите и постапките кај надлежните институции. И денес побаравме од изведувачот да ја зголеми динамиката на изградбата со посилно темпо. Се работи на повеќе вијадукти, на неколку клучки, на алтернативни и паралелни пристапни патишта, на потпорни ѕидови, се работи на тунелите“, вели Ејуп Рустеми-директор на Агенција за државни патишта.

Но, на терен сликата е сосема друга. Не само што не се работи со најавеното темпо низ целата делница, туку работници и по некоја машина има само на одредени делови од патот. Граѓаните се разочарани. Велат дека политичарите дошле, се сликале и си заминале, а работата останала незавршена.

„…Нема ништо. Еве чепкаат тука нешто. Го имаа промашено мостот и сега го копаат 50 сантиметри, го подигнале повеќе отколку што треба. Јас мислам дека нема шанса ни да го спојат, не до август, како што рекоа, туку и до Нова Година и после Нова Година…“

„Патот од Скопје до Охрид е катастрофа. Вакво нешто не постои никаде. Крадците само за својот џеб гледаат, а народот не ги интересира воопшто. На никого не верувам за овој пат…“

„…Возилата ги направивме партали. Тоа кој нè прашува, тоа удира по нашиот џеб…“, реагираат граѓаните.

Алсат прашавме во Агенцијата за државни патишта со која раководи Рустеми. До кога ќе биде готова оваа делница и зошто повторно има застој? Одговор не добивме. Минатиот месец министерот Бочварски тврдеше дека на целата автопатска делница има 280 градежни машини и дури 700 работници. Власта ветува дека целиот автопат ќе биде готов до крајот на 2023-тата, иако требаше да биде готов уште во 2018 година.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button