Повторно замрзнување на маржата за основните прехранбени производи

Од утре повторно се замрзнува трговската маржа на 5 проценти за лебот, маслото за јадење и шеќерот во трговијата на мало и големо, додека за оризот, млекото, јајцата, брашното и тестенините трговската маржа ќе се ограничи на 10 проценти. Со цел ублажување на ценовниот шок, Владата на седница донесе одлука замрзнатите маржи да важат до крајот на септември. Покрај ова до крајот на годината се укинуваат сите дополнителни трошоци на производителите и трговците. Според министерот за економија Крешник Бектеши само по овој основ се очекува намалување на цената на производите за шест до седум денари.
„Во делот на формирање на цени нема да се пресметуваат до крајот на годината никакви дополнителни оперативни трошоци и нема да се одобрува ни рабат ни надоместоци на секој трговец кои ги плаќа трговецот на мало или производителот. Нема да има дополнителни трошоци на производителите и увозниците на основните прехранбени производи врз основа на такви доковори кои ги прават меѓусебе во делот на позиционирање, рекламирање и сл.Ако маслото за јадење чини 150 денари само врз основа на рабат што се плаќа од големите трговци цената се зголемува за 6 до 7 денари“, рече Бектеши.
Бектеши вели дека листата на производи за кои ќе се замрзнува маржа ќе може да се проширува доколку пазарната инспекција забележи драстичен раст на цените. Покрај овие мерки за ублажување на ценовните шокови, мерки за помош на граѓните и стопанството ќе има по усвојување на ребалансот на буџетот, со кои ќе се оппафатат само најранливите граѓани и компании.
Андреа Чобанова