Пожарите над Битола и Радовиш ставени под контрола

Пожарите над Битола и Радовиш попладнево целосно се ставени под контрола, информираат во одвоени соопштенија Општина Битола и Центарот за управување со кризи (ЦУК).
На гасењето на пожарот над Битола интервенирале екипи од битолската противпожарна бригада и од јавните претпријатија, а подоцна кон гасењето се приклучиле и пет „ертактори“, од кои три од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗР) и двата кои како помош ги ипрати Република Турција.
„Екипите на ТППЕ Битола остануваат на терен до целосна ликвидација на пожарот. Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски им се заблагодарува на сите вработени во ТППЕ Битола за посветеноста и пожртвуваноста во борбата со огнената стихија. Благодарност и до сите општествено одговорни компании кои ја изразија својата хуманост и покажаа интерес да помогнат во обезбедувањето на храна и вода за екипите кои ноќта ја поминаа на терен. Благодарност до медиумите, кои со својата објективност овозможија навремено и објективно информирање на граѓаните за состојбата со пожарот и делувањето на општинскиот кризен штаб“, се наведува во соопштението на Општина Битола.