Пожарникарите во Охрид и Струга бараат да им се купи брод-пожарна

Ниту Охрид ниту Струга немаат противпожарен брод за гаснење на пожари од вода, иако долги години се предупредува од потреба за негова набавка. Бродот е повеќе од неопходен, затоа што на самото крајбрежје има неколку поголеми населби, како што е Канео, селото Трпејца или пак населбата Елен Камен на струшка странa. Токму овде гаснењето би било полесно и поефикасно од вода.
„Јас се надевам дека ќе се најде слух како потреба, во иднина да се набави средство за таа намена. Не само при пожари, туку во дадени ситуации да се најде и за спасување, како проблемот што го имавме со давениците од бродот кој што потона. Може и некое пловно средство да се запали. Сега ние имавме интервенција на запален глисер, а немаме средство поблиску да се доближиме до пловното средство“, рече Спасе Прентоски, командир на противпожарна бригада во Охрид.
Од Црвениот Крст велат дека десетина години апелираат дека е повеќе од потребен мултифункционален пловен објект, кој би делувал и при здравствени потреби на граѓаните.
„Бидејќи итната медицинска помош на пример во населбата Канео не може да стигне и ако треба некој да се извлече од таму, ќе треба на раце. Многу често нашите спасители на вода се соочуваат со проблем, кога млади луѓе скокаат од карпата и има чести сериозни повреди и нема соодветен пловен објект кој може да реагира“, рече Антонио Додевски-Црвен крст Охрид.
Дополнителен проблем за Охрид се и тесните улички во стариот дел на градот, низ кои што големите камиони и цистерни за гаснење на пожар тешко се пробиваат. За да биде ефикасноста поголема, недостасува и помало возило со специјална пумпа со капацитет од 400 литри на него. За разлика од Охрид, струшката противпожарна служба располага со такво возило.
„Ние имаме недостаток и на едно такво теренско возило кое што ни е потребно со одредена пумпа на него, кои некои градови ги имаат добиено преку Дирекцијата за заштита и спасување. За жал не се најде слух за Охрид да добие такво возило“, вели Спасе Прентоски-командир на противпожарна бригада во Охрид.
Изминатите години на неколку пати се покажа потребата од итност за набавка на специјален противпожарен брод и помало противпожарно возило, затоа што дејствувањето од вода во крајбрежните населби би било побрзо и поефикасно.
Мики Трајковски