Пожарот кај Вардариште ставен под контрола и се догаснува

Пожарот кај Вардариште е ставен под контрола и во моментов се догаснува. На терен се 25 пожарникари со осум противпожарни возила, изјави за МИА командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ) Звонко Томевски.
Томевски појасни дека превентивно морале да исклучат два далеководи, еден на ЕВН и еден на МЕПСО зaшто работат во нивна близина.
– Нема повредени и нема материјална штета, изјави Томевски.
Скопските пожарникари денеска од околу 12:00 часот во кругот на поранешната депонија Вардариште на поголема неутврдена површина гаснат запалена сува трева и отпаден материјал.
По пожарот, без снабдување со струја се 47.000 корисници во Скопје и превентивно се исклучени од напон трафостаниците „Скопје 4 – Аеродром” и „Скопје 4 – Исток”.