Пожарот во Блаце продолжува да се шири, додека Министерството за внатрешни работи целосно го затвори граничниот премин со Косово
Пожарот во Блаце продолжува да се шири, додека Министерството за внатрешни работи целосно го затвори граничниот премин со Косово

Пожарот што синоќа го зафати регионот на Блаце и Чучер Сандево попладнево се прошири во близина на границата со Косово, поради што Министерството за внатрешни работи го затвори граничниот премин во Блаце. Како што информираат од МВР, патот од Стајковци до Блаце во двата правци е затворен и сообраќајот е во прекин.
„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека поради ширењето на пожарот во близина на Блаце, во целост е прекинат сообраќајот на правецот Стајковци – граничен премин Блаце во двата правци, а воедно е затворен и самиот граничен премин. МВР, во координација со други надлежни институции, презеде мерки за гаснење на пожарот. Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон граничниот премин Блаце сè додека не се изгасне пожарот и не се нормализира сообраќајот“, велат од Министерство за внатрешни работи – соопштение.
„Како што може да се види во позадина, еден активен пожар сè уште гори во Блаце, додека за да се нормализира состојбата и целосно да се стави под контрола ова жариште, денес е ангажиран и полициски хеликоптер, а на терен се и екипите за гаснење пожар“, информира Авни Тахири, новинар.
Во акцијата за гаснење на пожарот кој се шири меѓу селата Блаце и Чучер-Сандево, освен хеликоптерот, за првпат оваа сезона е вклучен и „воздушниот трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Според Центарот за управување со кризи, пожарот што зафати мешана шума се шири по ридест и планински терен кој е непристапен, што значително ја отежнува интервенцијата.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, причините за пожарот може да се должат на неодговорно однесување или намерно подметнување./Алсат.мк
Авни Тахири