Пожарот во Визбегово ги вознемири скопјани

Утрово во Визбегово избувна пожар во отпад за стари возила. Пожарот се прошири брзо и претставуваше ризик од ширење во станбени области. Поради ова, активирани се противпожарни единици, додека на барање на градоначалникот на општина Шуто Оризари, побарана е воздушна поддршка за гаснење на пожарот во депонијата помеѓу Шутка и Визбегово. Пожарот во оваа депонија за автомобили предизвика загриженост кај жителите на Скопје поради црниот чад што се креваше над главниот град.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека пожарот е пријавен во 09:16 часот, дека избувнал пожар на депонија со стари и оштетени возила и плински боци, што предизвикало повремени експлозии.
„Центарот за управување со кризи веднаш го препрати барањето до Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за заштита и спасување, со цел да се обезбеди побрза и поефикасна интервенција на терен. На градоначалникот на Шуто Оризари му беше препорачано да продолжи со евакуацијата на населението во таа област доколку се процени дека е потребно“, велат од ЦУК.
На барање на Центарот за управување со кризи, од утрово во гаснењето на големиот пожар што ја зафати депонијата во Визбегово е вклучен авион „Ер Трактор“. Покрај авионите, во операцијата е вклучен и полициски хеликоптер, обидувајќи се да го стават под контрола пожарот, кој брзо се ширеше поради силниот ветар.
Авни Тахири