Познавањето на знаковниот јазик да биде обврска за работа во училиштето за глуви и наглуви – препорака од Омбудсманот

Да се најде системско решение за долгогодишниот проблем во наставата на знаковен јазик за учениците кои се глуви или имаат оштетен слух во единственото средно училиште во земјава за нивна едукација „Партениј Зографски“ во Скопје – укажува Народниот правобранител кој денеска доставил препораки до Министерството за образование и наука. Главната меѓу нив е за вработување во училиштето да биде обврзно познавањето на знаковниот јазик на солидно ниво што ќе овозможи разбирливи предавања за учениците.
Според анкета што меѓу 20 глуви и наглуви ученици и 19 вработени наставници во училиштето ја спровела канцеларијата на Омбудсманот минатиот месец, констатирано е дека има наставници и со повеќегодишно работно искуство кои имаат почетно ниво (од вкупно шест нивоа од која се состои обуката) на познавање на знаковниот јазик, што е доволно за основна, но не и за сигурна интеракција, како и наставници кои воопшто не го познаваат за да комуницираат со учениците бидејќи тоа не е задолжителен критериум за вработување. За квалитетна комуникација и поучување на учениците, наставникот треба да има минимум четврто ниво кое минатата учебна година го имале девет наставници. Ниту еден од вработените нема завршено шесто ниво на обука на знаковен јазик.
Соопштувајќи ги наодите од спроведената анкета денеска на прес-конференција, заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа рече дека вработените на сопствена или иницијатива на раководството, посетуваат бесплатни обуки за изучување на знаковен јазик. Лиценциран обучувач на знаковен јазик е Национален сојуз за глуви и наглуви на Република Северна Македонија.