Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со безбедносен сертификат, бараат Ковачевски да им го достави договорот за „Бехтел и Енка“

Деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносни сертификати денеска упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека тие како претставници на граѓаните бараат во најкус можен рок да им биде доставен Договорот и оти тоа барање го поднеле врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата.
„Во договорот има штетни клаузули коишто прават буџетски штети, а се во корист на приватната фирма, особено после лиферувањето на делови од овој договор дека Владата се обврзала да ја продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, што е спротивно на Законот за работни односи и е спротивно на одлуката на Уставниот суд која што би требало да е конечна. Ваквото продолжување во самиот Законодавен дом би значело прекршување на одлуката на Уставниот суд што е кривично дело“, рече Милошоски.