Пратениците ги усвоија заклучоците за водење на преговорите
Пратениците ги усвоија заклучоците за водење на преговорите

Собранието ги усвои заклучоците за францускиот предлог. Со 68 гласа „за“, ниту еден воздржан и ниту еден против, но во отсуство на македонската опозиција која три дена беше гласна во салата.
Парламентарното мнозинство ги промени заклучоците неколку минути пред да се изгласаат, со образложение дека се вклучени и барањата на другите партии. Одлуката на Собранието ја обврзува Владата во текот на преговорите да ја следи трасата што ги изгласаа пратениците.
ЗАКЛУЧОЦИ
Собранието ја задолжува Владата на Република Северна Македонија да ги продолжи преговорите со Европската Унија со цел деблокирање на евроинтегративните процеси и одобрување на преговарачката рамка со европски принципи и стандарди…
Владата има задача доследно да се придржува до определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија.
Владата на Република Северна Македонија е обврзана: Во преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде забележан без никакво објаснување, дополнување или фуснота.
Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедски односи кои не се директно поврзани со правото на Европската унија и Копенхашките критериуми за членство, не треба да бидат директиви за кои се отвораат и затвораат поглавја и кластери за време на пристапните преговори со Европската Унија.
Рамката за преговори треба да биде одобрена веднаш на почетокот на пристапните преговори со Европската унија, пред Првата меѓувладина политичка конференција.
За одржување на Првата меѓувладина конференција за отворање на преговорите за членство и скрининг процесот, како и следната Меѓувладина конференција за завршување на фазата на отворање на преговорите, во согласност со предлогот на француското претседателство со Европската унија, да се донесат одлуки веднаш со цел истите да не зависат од носење дополнителни одлуки од страна на земјите-членки.
Владата на Република Северна Македонија е задолжена да ги вклучи гореспоменатите заклучоци во Декларацијата за отворање на Република Северна Македонија на Првата меѓувладина конференција со Европската Унија.
Тридневната седница се одвиваше под вревата на вувузелите од страна на пратениците на ВМРО ДПМНЕ и партијата „Левица“, кои не дозволија парламентарното мнозинство да се вклучи во дискусијата. Првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ може да се одржи на почетокот на следната недела, но отворањето на поглавјата ќе започне дури по уставните измени кои Северна Македонија би ги усвоила со воведувањето на бугарското малцинство во преамбулата. Парламентарното мнозинство и албанската опозиција засега немаат 80 гласа за да донесат измени на највисокиот правен акт./Alsat.mk
Адријан Керими