ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пратениците трет ден расправаат за смената на Беким Сали

Собранието веќе трет ден расправа за разрешување на министрите на Алтернатива и за именување на министрите на Алијансата за Албанците. Расправата е заглавена за предлогот на премиерот за разрешување на Беким Сали од функцијата министер за здравство. Денеска расправата се прошири и меѓу пратениците Албанци. Фадил Зендели од Движењето Беса ги праша пратениците на Алијанса дали остануваат на изјавите дадени против ДУИ и СДСМ.

Advertisements

„Во последната година од мандатот, сите изјави што ги имавте беа против оваа Влада, против ДУИ и нејзините функционери. Јас 10 години да бев пратеник немаше да можам да ги кажам. Вие користевте најтежок арсенал против колегите овде и преку ноќ се предомисливте и сте заинтересирани да бидете дел од Владата“, рече Зендели.

Одговори Халил Снопче од Алијансата за Албанците. Тој го обвини Зендели дека неговата партија додека беше во Владата беше против интересите на Албанците.

„Кога ја покренавме иницијативата на Законот за државјанство за решавање на долгогодишниот проблем на нашите граѓани кои не ги уживаа основните права како резултат на немањето државјанство, вие не застанавте на наша страна, туку на страната на Владата. Кога инсистиравме да не се одложува пописот на населението како резултат на договорот ВМРО-СДСМ, да не се намали интензитетот на попишување на дијаспората, вие не бевте со нас, туку го поддржавте одложувањето“, рече Снопче.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го фатија за збор лидерот на Алијанса, Арбен Таравари. Тие бараа да знаат дали Таравари се уште смета дека ДУИ-СДСМ е Влада на криминалот, корупцијата и хибриден режим.

Остануваат уште неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ пријавени за првата точка од дневниот ред, предлогот за разрешување на Сали од функцијата министер за здравство. Потоа продолжува расправата за другите разрешувања и за предлозите за нови министри во правда, екологија, информатичко општество, здравство и за заменици министри. Неофицијално се дознава дека до петок Собранието ќе работи со ова темпо, а од понеделник во зависност од одлуката на првиот човек на Собранието може да работи и после 18 часот.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button