Правни експерти: Неодговорени прашања во случајот со убиството на Вања и Панче

Случајот кој пред две години ја потресе земјава и регионот кога беше киднапирана и убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска, но и пензионерот од Велес 74-годишниот Панче Жежовски се наоѓа пред судско финале. Обвинителството ги даде завршните зборови, па веќе во јавноста се дебатира – дали се одговорија најважните прашања ?
Според дел од стручната правна фела, обвинителството потфрлило и не ги докажало мотивите.
„Останува еден впечаток дека случајот не е до крај разјаснет, особено меѓусебните односи внатре во групата… Ми се чини дека Обвинителството останува на тоа првично чувство дека се тоа главно сторителите, со исклучок на таткото, меѓутоа не успеа да разјасни ништо повеќе од тоа и остануваат дилеми коишто ќе ја проблематизираат и ќе ја разрешат постапката по правни лекови дополнително“, вели универзитетскиот професор Гордан Калајџиев.
Товар на докажување беше и улогата на таткото на Вања – обвинет како помагач во нејзиното киднапирање. Според Калајџиев, обвинителството не успеа да ја докаже ниту неговата конкретна улога.
„Очигледно е дека тој дел е целосно нејасен, не се знае неговата вистинска улога, во врска со тоа е неговата конкретна одговорност, бидејќи зависно од улогата и од неговиот став кон делото многу е тешко воопшто да се продаде таа приказна – еден родител да посакува да го жртвува своето дете за материјална добивка. Тоа е скоро невозможно, иако теоретски е се можно. Меѓутоа, треба да имате докази за да ја убедите јавноста“, додава Калајџиев.
Обвинителството завршните зборови ги даде вчера барајќи доживотна казна затвор за Љупчо Палевски Палчо и неговите соучесници, додека за таткото, Александар Ѓорчевски, побара од судијата тој да добие соодветна казна. На наредните рочишта ќе следуваат завршните зборови на одбраната, по што судијата Ивица Стефановски ќе треба да пресече и да ја изрече пресудата за еден од најгрозоморните случаи во земјава досега.
Михаило Донев