Правните експерти од ЕУ влегоа во Судскиот совет

Оценувачката мисија на ЕУ почна да ја проверува работата на Судскиот совет. Поранешниот врховен судија од Хрватска, Бранко Хрватин, во Судскиот совет ја започна дводневната посета на Скопје. На средбата со членовите не беше дозволено присуство на медиумите, а за темите на средбата не беше соопштено ништо. Според Судскиот совет, посетата е по барање на канцеларијата на Европската комисија. Од Брисел денеска искоментираа дека целта на мисијата е да се врати довербата на граѓаните во правосудните институции.
„Советот треба да вложи напори за зачувување на интегритетот и независноста на судиите и институциите и да биде заштитен од надворешни влијанија. Европската комисија испраќа оценувачка мисија во Судскиот совет за да се зајакне транспарентноста, независноста и кредибилитетот на Советот, вклучително и неговите членови“, рече Ана Писонеро, Портпарола на Европската Комисија.
Експертите оценуваат дека мисијата е доказ дека меѓународниот фактор е разочаран од резултатите за владеење на правото во земјава и покрај долгогодишната финансиска и друга помош.
„Небрежноста, нерешените случаи и неправдите што им се случуваат на граѓаните имаат релација меѓу институциите, а кои се на штета на граѓаните. Има 10 или 15 години нерешени предмети, без разлика дали се граѓански, кривични, управни или правни. Ова претставува системски рекет на граѓаните и државата. Доцнењето на предметите и одлуките доведува до тоа граѓаните да ги загубат не само националните, туку и меѓународните права и овој факт го депримира меѓународниот фактор. Пропаднаа сите алатки и помагала што му беа дадени на судскиот систем“, рече Башким Селмани, професор.
Првото прашање што ќе им падне во очи на европските експерти е неуспехот на Судскиот совет во случајот со судијата Енвер Беџети и неговите постапки во случаите со Сашо Мијалков. Исто така, оценувачката мисија ќе бара отчет и за начинот како беше разрешена минатата претседателка на Советот. Потоа, ќе с еинтересираат и за нероцесираните случаи за Рамиз Мерко, влијанието на трети лица во судството, како Орце Камчев во судството, потоа злоупотребите во АКМИС системот, семејните вработувања во правосудните институции и случаите кои ги губела државата во спорови со физички лица кои резултирале со оштетување на буџетот за десетици милиони евра.
Адријан Керими