Православни верници утре ќе протестираат поради изборот на новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија

Православни верници од повеќе епархии за утре најавуваат протест поради начинот на избор на новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Порталот „Религија.мк“ вчера објави дека новоизбраниот монах Георгиј е предлогот на архиепископот Стефан за митрополит на оваа епархија.
Според најавите, собирот под мотото ,,Гласот на народот-глас на Бога”, е закажан за утре во 12 часот пред резиденцијата на поглаварот на МПЦ-ОА во месноста Криви Дол во Скопје, во близина на скопското Кале.
Организаторите на протестот велат дека црквата е народот, а народот има свој кандидат за митрополит во Дебарско-кичевската епархија, а тоа е епископот Антаниски Партениј.
„Верниците на МПЦ-ОА од неколку градови во Македонија организираат мирен собир со цел поддршка за предлог на епископ Партениј како кандидат за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, но и поради начинот на избор на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Верниците се зачудени како архиепископот со еден кандидат како предлог се одржува избор?! Избор! Меѓутоа, за да има избор треба да предложите повеќе кандидати!? Избор со еден кандидат е парадокс, а тој кандидат не е Викарниот Епископ Антаниски со 30 години монашко искуство! Црквата е народот, без народ нема ни Црква!“, се наведува во соопштението со кое се најавува утрешниот протест на православните верници.