Предлог-преговарачката рамка пред пратениците, дебатата продолжува денеска

Собранието денеска ја продолжува расправата по единствена точка на дневен ред е „Информација за содржината на Нацрт-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, што беше предложена од француското претседателство на Советот на Европската Унија на 30 јуни“. Седницата почна вчера по обраќањето пред пратениците на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која порача дека местото на Македонија е во Европската унија.
Излагањето на премиерот Димитар Ковачевски, како и на другите пратеници на СДСМ беа проследени со свирежи од пратениците на ВМРО ДПМНЕ. Ковачевски во излагањето порача дека Македонија е пред историска шанса да ги стартува преговорите со Европската унија и побара пратениците со чиста совест да го поддржат францускиот документ.
Собраниската седница ќе трае додека правото на збор не го искористат сите 42-ца пријавени пратеници за збор. На крајот пратениците нема да гласаат за или против францускиот предлог, туку за заклучоци со кои ќе и дадат насоки на Владата како да го води процесот на преговори со Унијата. Овие заклучоци ќе се носат со просто мнозинство или со поддршка од 41 пратеник.