Предлог законот за судскиот совет се уште ги нема поминато сите филтри

Иако овој месец требаше да стапи во сила, за новиот закон за судски совет стручната јавност и натаму дебатира. Предлог-законот веќе е готов, меѓутоа, се уште ги нема поминато сите филтри, па домашната јавност и натаму согледува што содржи истиот. Дел од експертите сепак се согласни во делот дека во него се имплементирани препораките на Оценската мисија.
„Препораките на Оценската мисија се земени предвид и денеска еве тука сме да расправаме за тоа дали ваквиот предлог-текст ќе ги надмине сите оние предизвици со коишто се соочи судскиот совет изминатата година. Клучен закон, бидејќи ги уредува, во детали, сега подетално е уредена постапката за избор, за разрешување на членови на судскиот совет, за избор и разрешување на судии, дисциплинска нивна одговорност, следење на нивната работа“, рече Александра Груевска Дракулевски.
За стручната јавност најважен е интегритетот на самите членови, односно ослободувањето од политичките влијанија, а според дел од експертите, добро е и да се копираат некои практики од законот за судски кои се применуваат во регионот.
„Дури и во хрватскиот закон за судски совет предвидува дека задолжително има двајца професори кои ги бираат самите универзитети, значи дури не одат ниту пред Собрание. Зборот ми е за на таков начин, преку една структура која е разнородна, ќе имате избрани и од Собранието, можеби со партиски влијанија, ќе имате и адвокат, ќе имате професори по право и не би можело да се случуваат различни политички и некои други комплоти за да се заобиколуваат законите за тоа кој ќе биде избран за судија“, вели Академик Владо Камбовски, Центар за стратешки истражувања при МАНУ.
Предлог законот за судскиот совет пак го предвидува токму тоа – универзитетите да предлагаат професори, а адвокатската комора да предлага адвокат. Измени се предлагаат и во делот на разрешувањето на членовите, па така, во предложениот текст стои дека претседателот на советот отсега ќе се разрешува на јавна седница. Иако требаше досега да биде објавен, од Министерството за правда објаснија дека процесот е пролонгиран поради обемноста на законот, па допрва ќе треба да видиме кога ќе биде усвоен.
Михаило Донев