Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик пред Законодавно правната комисија

Собраниската Законодавно правната комисија денеска треба да го разгледа Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, откако на 8 јуни тој доби поддршка од матичната Комисија за култура. Предлагач на законот е Министерството за култура, а целта е подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба во јавната и во службената комуникација, почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во таа насока.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на седницата на Комисијата за култура го образложи Предлог-законот, напоменувајќи дека со новиот закон ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Како што рече, ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат, како општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.