Предлогот на група пратеници во Собранието за изборен модел со една изборна единица доби негативно мислење од Владата

Владата даде негативно мислење за предлогот една изборна единица, иако СДСМ неодамна изјави дека го поддржува овој модел. Предлогот на пратениците од помалите партии Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Панчо Минов и слично, во Собранието е на дневен ред за новата седница, но како 58 точка. Сепак, негативното мислење на Владата покажува дека мнозинството нема да го поддржи. Во мислењето потпишано од првиот вицепремиер Артан Груби, се вели дека во рамките на Министерството за правда продолжува работата на работната група за целосно нов Изборен законик, каде ќе се разгледа предлогот за модел со една изборна единица.
„Мандатот на работната група е да подготви целосно нов Изборен законик, со оглед на фактот дека од 2006 година до денес се направени над 30 измени и дополнувања што го прават Изборниот законик неконзистентен, тежок за читање и комплициран за спроведување. Планирана е дебата на работната група со сите парламентарни политички партии, во која ќе се разгледа предлогот за промена на изборниот модел“.
Во мислењето на Владата исто така се нагласува заложбата да се усогласат и почитуваат препораките на ОБСЕ за евентуалните измени на Изборниот законик најмалку шест месеци пред изборите. Со оглед на тоа што локалните избори се во октомври, а сега сме мај, заклучуваме дека оваа препорака е прекршена.
Алсат праша во Министерството за правда за новостите од работната група за Изборниот законик. Групата се состои од претставници на Државната изборна комисија, Антикорупциската комисија, Заводот за ревизија, Агенцијата за медиуми, претставници на политичкото и граѓанското општество. Од Министерството за правда информираа дека од декември до сега работната група се состанала 8 пати, а последниот состанок бил на 22 март. Следната средба сè уште не е закажана и не е познато кога нивната работа ќе се конкретизира со предлог за нов Изборен законик.
Во меѓувреме, двајцата политички лидери, Зоран Заев и Христијан Мицкоски на последната средба минатиот месец изјавија дека промената на изборниот модел е предмет на дискусија меѓу работната група создадена за оваа намена од пратениците во Собранието. Алсат неодамна објави дека оваа работна група е нефункционална со недели.
Fatlume Dervishi