Предлогот за интерпелација за претседателот на Уставниот суд, Костадиновски пред пратениците

Собранието денеска треба да ја започне новата 59. седница на која како прва точка на дневниот ред е интерпелацијата за работата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, поднесена од пратеничката група на Европски фронт.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на неделниот брифинг со новинарите истакна дека на понеделничката координација со координаторите на пратеничките групи преовладувала перцепцијата дека не е добро Собранието да врши интерпелација на Претседател на Уставен суд.
-Се отвори прашањето за интерпелацијата на претседателот на Уставниот суд. Ние ја ставивме како точка на дневниот ред. Имаше дискусија дали сме постапиле добро, дали е во ред или не, што е нормално. Наша и моја дилема како Собрание, како кабинет и како служба. Ние се водевме по членот 72 од Уставот и 47 од Деловникот на Собранието каде се вели „интерпелација може да се покрене за секој носител на јавна функција“. Сега ние како Собрание мораме да го процесуираме тоа. Од друга страна зборуваме за судска власт и тоа остана тема која ќе ја видиме. Можеби некои од пратениците ќе бараат таа точка да се тргне од дневниот ред. Главно, на координацијата со координаторите на пратеничките групи преовладуваше перцепцијата дека не е добро како Собрание да вршиме интерпелација на претседател на Уставен суд. Ќе видиме како ќе одлучи пленумот, рече Гаши.