Предлогот за реконструкција на Владата пред пратениците, Алтернатива ќе биде опозиција

Предлогот за реконструкција на Владата, чиј кабинет се проширува со кадри од Алијанса за Албанците (АА), а се намалува со тие од „Алтернатива“, денеска е на дневен ред на 104. седница на Собранието.
На седницата закажана за попладне во 15 часот ќе се расправа и одлучува за избор на четворица нови министри и петмина заменици министри, по одлуката за влез на АА во владиното мнозинство. Во пресрет на денешната седница, „Алтернатива“ ја соопшти одлуката на Централното претседателство дека ќе делува како опозиција, а претходно во петокот премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на АА Арбен Таравари ги заокружија преговорите за соработка.
Претседателот на „Алтернатива“ Африм Гаши вчера по седницата на Централното собрание најави дека тројцата пратеници од оваа партија ќе дејствуваат како опозиција, нивните функционери ќе се повлечат од функциите, но доколку има уставни измени ќе гласаат „за“.
Гаши, соопштувајќи ја одлуката да излезат од извршната ввласт, рече дека нивните довчерашни партнери ја преминале и последната етичка линија и немале трпение да ја почекаат одлуката на Централното собрание. Нивната забелешка е поради тоа што сметаат дека во јануари 2022 „Алтернатива“ придонела за стабилизација на Владата предводена од СДСМ.