ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Предложени дополнителни докази во случајот „Меѓународен сојуз”

Јавното обвинителство и обвинетите во случајот „Меѓународен сојуз”, предложија дополнителни материјални и вербални докази. Преставникот на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Трајче Пеливанов, до судот предложи четири материјални докази кои се однесуваат на обвинетите Бојан Јовановски и Фросина Ременски. Истовремено, свои материјални докази предложи и првообвинетиот Бојан Јовановски, кој побара од судот да се изведат како докази вацап комуникациите меѓу него и поранешниот премиер Зоран Заев, односно министрите Мила Царовска, Горан Сугаревски, и поранешни претставници од локалната власт.

Воедно, правниот застапник на правното лице Меѓународен сојуз, Иванка Јакимовска, пред новинарите после денешното рочиште истакна дека правниот субјект Меѓународен сојуз во своето дејствување нема никакви елементи на кривично дело, туку се работи за чист граѓанско-правен однос.

– Сметам за потребно да појаснам дека иако се работи за предмет кој е во фаза на доказна постапка јас како преставник на правното лице Меѓународен сојуз, стојам на становиште дека во неговите дејствија, односно во договорите и пред договорите кои што се направени во име и на сметка на правното лице не постои ниту еден доказ дека се работи за кривично дело, рече адвокатот Јакимовска.

На денешното рочиште за случајот „Меѓународен сојуз” според редоследот своја одбрана требаше да даде обвинетата Фросина Ременски, меѓутоа пред судот таа посочи дека во овој стадиум на судењето нема да го искористи ова право со образложение дека одбрана може да се дава во секоја фаза на постапката.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button