Предметите против Мерко исчезнувале во судскиот Бермудски триаголник

Антикорупциски предмет против првиот човек на општина Струга, Рамиз Мерко е изгубен во лавиринтите на Судскиот совет. Ова го соопштуваат од Комисијата за спречување на корупцијата кои тврдат дека одамна обезбедиле и докази за тоа како бил изгубен предметот против Мерко. Претседателката на комисијата Билјана Ивановска, ги сподели деталите од отворениот случај против Мерко и првиот човек на Основниот суд Струга кој му овозможил на Мерко да ја продолжи постапката за набавка на автомобилот Ауди А6 вреден 67 илјади евра.
Но, зошто антикорупционерите молчеле и не го кажале ова порано? Ивановска вели – сегашната пријава не доаѓа како резултат на страв од одлуката на американскиот Стејт департмент, бидејќи за ова било јавено уште во 2019 година.
Следната недела, на следната седница Судскиот совет ќе се формира комисија која ќе треба да изврши проверки како работел судот во Струга. Сè уште не е познато кој ќе членува во комисијата, освен дека ќе ја води координаторот за надзор на работата на Основниот суд Струга. Рамиз Мерко во моментов е осомничен за 6 случаи на злоупотреба на службената положба и за измама. Дел од предметите се во истражна фаза, а останатите се во предистражна. Заедно со него се осомничени и други лица. Еден од случаите е покренат врз основа на кривична пријава од Финансиската полиција, а предметот за експропријација на земјиште во Струга се води паралелно и во Основното обвинителство и во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Адријан Керими