
Владата во последен ден преговара со банките за да го продолжи рокот за исплата на шесте илјади денари државна помош. Од друга страна граѓаните во трка со времето чекаат со часови пред банките за да ажурираат податоци, да отворат трансакциска доколку немале или пак да отворат наменска сметка доколку постоечката им била блокирана. Доколку нема нов договор, утре банките треба да ги вратат парите во буџетот на државата.
„Во врска со прашањата Ви посочуваме дека разговорите со банките сѐ уште се во тек, за исходот ќе Ве информираме дополнително“, наведуваат од Владата.
Останува нејасно дали за продолжувањето на рокот ќе требаат измени во веќе донесениот закон за финанинсиска подршка, што би значело враќање назад во Собранието. И додека еден дел од граѓаните се обидуваат во последен момент да отворат сметка други дури вчера разбраа дали се добитници на паричната помош. Имано, на сајтот на „Купувам домашно“ дури вчера – 48 часа пред истекот на рокот за трошење на парите, беа обелоденети списоците на самохраните родители, уметници и естрадни уметници. И покрај краткото време министерката за труд Јагода Шахпаска уверува дека сите ќе си ги добијат парите, без да прецизира на кој начин.
„Тие граѓани кои што влегуваат во системот со четвртиот пакет мерки меѓу кои се и самохраните родители овие средства од шест илјади денари ќе ги добијат“, рече Јагода Шахпаска- Министерка за труд и социјална политика.
Реакција пристигна и од здружението на банкарски клиенти Ануитет, од каде бараат итно изнаоѓање на решение граѓаните да си ги добијат ветените пари наместо да им се задржуваат. Досега околу 70 илјади граѓани поднеле приговори со кои реагирале дека иако ги исполнувале критериумите не се нашле на владиниот список за помош од шест илјади денари. Одговорите дали приговорите им се одбиени или прифатени ќе ги добијат дури наредната недела.
Андреа Чобанова