“Преговорите Скопје-Софија, после изборите во Бугарија”

Еден ден откако Брисел ги повика Скопје и Софија да ги зголемат напорите за изнаоѓање решение за билатералните спорови, министерот за надворешни работи Османи рече дека треба да се чека епилогот од изборите во Бугарија.
„Последниве денови пред изборите во Бугарија, можам само да посакам успешни избори таму и брзо формирање на институциите, со цел да продолжам да комуницирам за дефинирање на терминот за меѓувладина конференција, за дефинирање на акциониот план предвиден во контекст на таа соработка. Не верувам дека може да се направи некој суштински напредок во последните денови пред изборите“, рече Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Османи рече дека ниту Заедничката историска комисија сè уште не го усогласил годишниот извештај, ниту записниците од состаноците и дека има бавен напредок по секој состанок. Во меѓувреме, бугарската партија ВМРО, предводена од актуелниот вицепремиер Красимир Каракачанов, ја повтори реториката кон Македонија преку најновиот спот за изборната кампања. Во видео снимката се вели дека заедничката историја е бугарска и е илустрирана со фотографија на Цар Самоил, Васил Левски, Гоце Делчев и Тодор Александров.
„Бугарија е татковината, наша судбина и наша одговорност. Бугарија нема да ја продаде својата историја и сеќавање на своите национални херои, за која било цена. Заедничката историја е бугарска историја. Бугарија била со векови, има сегашност и ќе има и утре, помоќна, прогресивна, унифицирана. За ВМРО, Бугарија е над сè“.
Инаку, во Европскиот Парламент вчера покрај извештајот за Македонија за 2019 – 2020 година, поминаа и две резолуции според кои Македонија им ги крши правата на Бугарите кои живеат во земјава. Не помина резолуцијата со која се критикува реториката на Бугарија кон Македонија.
Анеса Салиху