Прехранбената индустрија, водоводите, болниците и училиштата со договори за поевтина струја

Еден ден пред истекот на рокот за аплицирање, Владата ја комплетираше потребната документација, а ЕСМ ги подготви процедурите за договорите за снабдување со електрична енергија. Прехранбената индустрија, претпријатијата за водовод и училиштата од денеска можат да склучуваат договори за купување струја. Тие досега беа на слободниот пазар каде цените се повисоки. Во периодот додека трае прогласената енергетска криза, односно до април следнава година, овие правни лица нема да бидат исклучувани од струја.
„Оваа одлука е донесена за да се спречи поскапување на некои прехранбени производи, да се одржи континуитет во водоснабдување, филтрирање и прочистување на водата, како и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата во периодот есен-зима. Со претставниците на коморите од секторите на прехранбената индустрија за основни производи е договорено сите да се солидаризираат, а некои веќе најавија дека цените опфатени со оваа мерка ќе се намалат за 10%“, велат од Владата.
Но, од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека оваа мерка не е доволна. За да се намалат трошоците за основните производи, бараат субвенции за производство на електрична енергија преку соларни панели. Според нив, тоа би било долгорочно, а на сезонско решение.
„Владата средствата што за жал не ги користи во капиталните инвестиции, имаме многу ниска стапка на капитални инвестиции, тие средства да ги пренасочи за справување и надминување на кризата со делумно субвенционирање не само на електричната енергија за фирмите, туку да се направи поголем поттик во финансиска смисла во однос на поставување на фотоволтаици, што очигледно ќе ги намали оперативните трошоци на бизнисите. Тоа би довело до пад на цените на производите“, рече Дурим Зеќири, СКСЗМ.
Со владината мерка се опфатени три категории потрошувачи: компании кои произведуваат основни производи односно месо, млеко, леб, масло и слично. Цената на струјата за нив ќе биде 80 евра за мегават час. Вклучување на јавни претпријатија од областа на водостопанството. За нив цената на струјата ќе биде 95 евра. Иста цена ќе имаат и училиштата и болниците.
Аднан Ќаили