Прекинот на огнот помеѓу Израел и Хамас ќе стапи на сила рано наутро во недела
Прекинот на огнот помеѓу Израел и Хамас ќе стапи на сила рано наутро во недела

Израелската влада утринава го одобри и го ратификуваше договороот за шестнеделен прекин на огнот со Хамас, кој покрај прекин на огнот предвидува и ослободување на 33 израелски заложници во Газа
Договорот за прекин на огнот помеѓу Хамас и Израел ќе стапи на сила во недела, во 08:30 часот по локално време, објавија властите на Катар – земја која беше активен учесник во договорите за примирје помеѓу завојуваните страни. Со овој договор покрај шестнеделниот прекин на оган, се предвидува и ослободување на 33 израелски заложници кои од седми октомври 2023 година се наоѓаат во заробеништво, во замена за стотици палестински затвореници, зголемување на хуманитарната помош и повлекување на израелските војници од густо населените области во Појасот Газа.
Коалициската влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одобри договорот за прекин на огнот со Хамас и ослободување на заложниците држени во Појасот Газа во замена за палестинските затвореници, откако претходно беше одобрен и од безбедносниот кабинет, иако екстремно десничарските министри беа против.
„Владата го одобри планот за ослободување на заложниците. Планот ќе стапи во сила во недела, 19 јануари 2025 година“,се вели во соопштението од кабинетот на премиерот Нетанјаху.
Хамас бара одржливо примирје и целосно повлекување на израелските сили за ослободување на преостанатите заложници, додека пак Израел очекува заробениците да бидат безбедно вратени на своите семејства. Војната помеѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври 2023 година, кога припадници на Хамас влегоа во Израел при што убија и заробија над 1 200 лица. Израел веднаш возврати, а Појасот Газа беше мета на израелски напади петнаесет месеци при што според податоците на палестинските здравствени власти загинале над 46 000 Палестинци.