Преку законски измени ќе се забрани употреба на огномет во затворени објекти

Со едноминутно молчење во чест на жртвите од трагедијата во Кочани, пратениците по двонеделен одмор продолжија со работа. Пратениците и од власта и од опозицијата едногласно ја одобрија потребата од законски измени на законот за прекршоци за јавен ред и мир. Образложувајќи ги измените, пратеникот на ВМРО, Тони Јаревски најави дека дел од казните ќе бидат двојно зголемени.
За кафе баровите или дискотеките кои ќе овозможат присуство на малолетни лица по 24 часот, казните во моментов се движат од 50 до 10.000 евра, додека со законските измени, помалата казна ќе биде десеткратно поголема, односно ќе се движи од 500 до 10.000 евра, во зависност од тоа дали станува збор за мали, средни или големи трговци. Со законските измени, во членот 31 се додава уште еден став со кој се забранува употреба на пиротехнички средства во затворен простор. За физичките лица кои ќе го прекршат овој закон ќе се изрече парична казна од 200 до 250 евра. За правното лице, без разлика дали станува збор за дискотеки или ресторани, казните ќе се движат од 1.000 до 10.000 евра во зависност од тоа дали станува збор за мали или големи трговци. За истото судот може да изрече санкција забрана за вршење на дејноста во траење од три месеци до две години.
Од друга страна, пратениците не ги поддржаа законските измени поднесени од опозицијата. Не беа усвоени два предлога за законските измени на „Левица“ породилното отсуство за жени да биде продолжено од 9 до 18 месеци, и за платите наместо на 15, да се исплаќаат на 5-ти. Не беше прифатен и предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата, без да се промени висината на придонесите.
Зекирија Хаџиу