Премиерите на Албанија и Италија зборуваа за бугарското вето врз Македонија

Судбината на отворање на преговорите меѓу Албанија и Македонија со ЕУ е во рацете на новата бугарска влада, која се очекува допрва да биде формирана. Албанскиот премиер Еди Рама при посетата на Рим изјави дека Италија, Франција и Холандија преговараат со Бугарија за тоа, а италијанскиот премиер Марио Драги, ја отфрли можноста за одвојување на двете земји на патот кон евроинтеграцијата. За двете земји ќе се зборува на следниот самит на ЕУ во средината на декември.
„Ние ја завршивме нашата должност, но не за ЕУ, туку за нас самите. Секој момент сме подготвени да седнеме на маса. Одвојувањето на Албанија од Северна Македонија е тежок процес, во Бугарија имаше избори и ќе го видиме ставот на новата бугарска Влада и бугарскиот Парламент. Ќе видиме до кој степен ќе достигне ефектот од сите притисоци што беа вршени на различни нивоа во однос на Бугарија. Не притиска само Италија, туку и Франција и Холандија се во првите редови во обидот да ја убедат Бугарија да го укине ветото.“
„Интеграцијата на Западен Балкан е процес кој ги гледа земјите сите заедно. Треба да сметаме дека е важна и интеграцијата на Северна Македонија. Кои се чекорите што ќе ги преземе Италија денеска? Рано е да се каже. Јас сум оптимист. Првото проширување на ЕУ со многу земји кои сега се сметаат за важни партнери е направено пред многу години. Тоа е нешто што се прави преку одговарање на надворешно-политички прашања, прашања поврзани со имиграцијата или меѓународни настани. Тоа е долгорочна стратегија што го дефинира идентитетот на ЕУ.“