Премиерот ќе се сретне со приватните превозници, ама само ќе ги ислуша

Премиерот Димитар Ковачевски ја поздрави одлуката на приватните превозници да ги тргнат автобусите од улиците. Тој рече дека и покрај тоа што Владата нема надлежност, туку тоа е надлежност на Град Скопје, тим на премиерот ќе ги покани приватните превозници на состанок за да се види каде е проблемот.
Приватните превозници велат дека сè уште не добиле покана од Владата, но очекуваат тоа да се случи наскоро. Во меѓувреме, од Град Скопје се децидни дека немаат што да разговараат со приватните превозници.
„Градот Скопје нема теми за преговарање, особено кога се под уцена. Она што сега се бара е поништување на одлуката за раскинување на договорот кој беше раскинат поради прекршување на одредбите од договорот од страна на „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“. Град Скопје поднесе тужба против „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ поради нанесена економска штета на буџетот на Град Скопје и непочитување на одредбите од договорот, што доведе до негово раскинување“, велат од Град Скопје.
Од Градот не соопштуваат детали колку субјекти евентуално се јавиле на конкурсот за двете линии во Скопје. Велат дека јавниот повик трае 30 дена и оти имало интерес.
Мефаил Исмаили