Премиерот во оставка ги собира во Владата коалициските партнери

Премиерот во оставка Зоран Заев ги повика во Владата лидерите на партиите од досегашната владејачка коалиција, од каде што потврдија за „360 степени“ дека средбата ќе се одржи подоцна попладнево.
Заев ги собира партнерите откако доцна синоќа поднесе оставка на премиерската и на функцијата лидер на СДСМ, преземајќи ја одговорноста за резултатот од локалните избори, на кои владејачката партија ги изгуби повеќето општини во државата во кои имаше свои градоначалници и мнозинство во советите во изминатите четири години, вклучително со Градот Скопје и речиси сите скопски општини.
Нема информации кога Заев и формално би оставката во Собранието, по што целата негова влада, која беше избрана на крајот на август минатата година, исто така ќе биде во оставка до изборот на друг мандатар и на нова влада.
Според членот 93 од Уставот, оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата ѝ престанува мандатот ако премиерот поднесе оставка, ако ѝ биде изгласана недоверба во парламентот или ако Собранието се распушти, на таа останува на должност до изборот на нова Влада.
Според член 219 од Деловникот на Собранието, пак, Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката.
Во член 220 понатаму се наведува дека Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата.