
Во вторник во американската амбасада во Приштина, ќе се одржи дискусија за Заедницата на општини со српско мнозинство. Демократски Сојуз на Косово соопшти дека на оваа средба „уште еднаш ќе ја потврди поддршката за процесот на дијалог со посредство на ЕУ, со целосно вклучување на САД“, но во однос на Заедницата, оценува дека ова прашање е „уставна надлежност и одговорност само на институциите на Република Косово, пред сѐ на Владата“.
Демократската партија на Косово, исто така, потврди дека ќе учествува на состанокот свикан од Американската амбасада. Во меѓувреме, Фондацијата Фридрих Еберт во Приштина го претстави нацрт-статутот за „Заедницата на општините во кои српската заедница во Косово е мнозинство“, подготвен од оваа организација во партнерство со Европскиот институт за мир. Во овој предлог-статут се наведува дека Заедницата ќе биде правен субјект основан во согласност со Уставот и правниот систем на Косово. Понатаму се нагласува дека Заедницата ќе има свои официјални симболи, вклучувајќи го грбот и знамето, кои ќе ги дизајнира Управниот одбор на Заедницата во согласност со Уставот на Косово и Законот за локална самоуправа.
Според нацртот, статутот на Заедницата е највисок правен акт и тој ќе биде одобрен од основачко собрание на Заедницата, составено од членовите на собранијата на општините во согласност со Законот за ратификација на Првиот договор и Уставот на Косово. Статутот ќе биде одобрен со правен акт на Владата на Косово. Нацртот утврдува дека Собранието на Заедницата е орган надлежен за измени на Статутот. Исто така, според овој нацрт, Заедницата има право на сопствен интегрален буџет, банкарски сметки и има право да поседува имот и да врши финансиски трансакции.
Косово и Србија постигнаа договор за Заедницата во 2013 година, а потоа, во 2015 година, за принципите за нејзино формирање. Во 2015 година, Уставниот суд на Косово утврди дека договорот не е во целосна согласност со Уставот. Србија бара Косово да ги спроведе постигнатите договори, но Владата на Косово се изјасни против моноетничка Заедница. Соединетите Американски Држави и Европската Унија постојано бараа Косово да го почитува Договорот.
Алсат