
Во Собранието денеска е претпоследниот ден од расправата за Предлог-буџетот за 2022 година. Според Деловникот за работа, расправата за Предлог-буџетот на пленарна седница трае пет дена.
Во текот на изминатите денови, власта и опозицијата излегоа со спротиставени ставови.
За власта, Предлог-буџетот има силна развојна компонента и со него ќе се забрза економскиот раст, ќе се обезбеди непречено функционирање на основните функции на државата и се дава поддршка на реформските процеси во правосудството и на евроинтеграциските процеси. Буџетот, како што посочија, е донесен низ транспарентен и инклузивен процес за што доказ е прифаќањето на 23 амандмани во вкупна вредност од околу 382 милиони денари од кои поголем дел од опозицијата.
Забелешките на опозицијата се дека се работи за мегаломански буџет во кој фиктивно се предвидени голем број капитални инвестиции, а граѓаните нема да добијат ништо за да се подобри нивното секојдневно живеење.
Оценките на опозицијата се дека нема да се реализираат капиталните инвестиции за што, според нив, потврда е нивната слаба реализација во изминатите години, а забелешки имаат и на тоа дека намалени се средствата планирани за привлекување на странски инвестиции и дека не се планирани средства за аерозагадувањето. Според опозицијата, земјата е на последно место во регионот по повеќе економски параметри.