СВЕТ

Претрес во домот на претседателката на Перу: осомничена е дека не пријавила колекција луксузни часовници

Претрес во домот на претседателката на Перу: осомничена е дека не пријавила колекција луксузни часовници

Претседателката на Перу, Дина Болуарте, претресот во нејзиниот дом го нарече неправеден и го осуди „малтретирањето од обвинителството“ поради истрагата за незаконско збогатување со луксузните часовници за кои се сомничи дека не ги пријавила како свој имот.

„Мерката од утринава е произволна, непропорционална и неправедна“, рече претседателката Болуарте во обраќањето до нацијата.

Домот на претседателката синоќа бил претресен во рамките на истрагата за нелегално збогатување, бидејќи таа е осомничена дека не пријавила колекција луксузни часовници.

Според полицискиот документ, кој го видела агенцијата „Франс прес“, околу 40 полицајци биле мобилизирани „со цел да ја претресат куќата и да ги одземат часовниците Ролекс“.

Полицајците упаднале во нејзиниот дом нешто по полноќ.

Сликите што ги објави локалната телевизија покажаа дека истражителите го опкружуваат домот на претседателката на периферијата на Лима, додека полицијата го блокираше сообраќајот.

Полициската интервенција се случила по барање на јавен обвинител.

Во случај на кривично гонење, перуанската претседателка, според Уставот, не може да биде изведена на суд пред јули 2026 година, кога и завршува мандатот.

Скандалот со часовниците „Ролекс“ избувна откако локалните медиуми објавија серија фотографии во средината на март на кои се гледа дека Дина Болуарте носи различни модели на луксузни часовници додека била член на владата во 2021 и 2022 година.

Таа тогаш изјави дека поседува само еден часовник, кој го купила со свои пари.

61-годишната претседателка веќе е под истрага за „геноцид, тешко убиство и тешки телесни повреди“ по смртта на повеќе од 50 луѓе за време на двомесечните социјални немири што следеа по нејзината инаугурација.

Дина Болуарте стана претседателка по смената и апсењето на левичарскиот шеф на државата Педро Кастиљо, чиј потпретседател беше таа.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button