ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Претседателка на Суд ги навредува Албанците

Министерот за правда, Кренар Лога, бара Судскиот совет, да преземе мерки согласно законот и да утврди одговорност за в.д. претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев. Барањето на Лога се заснова на извештајот од работната посета на членовите на Судскиот совет на 1 февруари годинава. Во однос на бројните прекршувања, незаконски постапки и несоодветна систематизација, констатиран бил и националистички и потценувачки пристап на претседателката која кон судиите Албанци користела термини како „шиптари, неспособни“ и „говеда“. Лога ја истакна својата загриженост за непостапувањето на Судскиот совет и покрај тоа што извештајот бил разгледан пред точно еден месец.

Advertisements

„Ја нагласувам неопходноста од преземање поостар одговор и соодветни мерки за да се утврди одговорност и да се санкционира овој тип на однесување – говорот на омраза на национална основа“, се наведува во барањето на министерот за правда до Судски совет.

Во случај да не се преземат конкретни мерки, Лога бара од Судскиот совет во комуникација со него, да се користи истиот речник.

„Доколку наведената состојба остане непроменета, изрично барам во идната кореспонденција и комуникација со мене како министер за правда, да ми се обраќате со истиот речник и терминологија содржани во извештајот за работна посета“, се додава во барањето.

Извештајот како јавен документ е објавен на официјалната веб-страница на Судскиот совет.

„Меѓу другото, во одредени случаи таа користи навреди на национална основа, поточно квалификации дека судиите Албанци станале „неспособни шиптари“, додека другите судии се етикетирани како „луди“ и „луда“, додека вработените во судовите се нарекуваат „говеда”, стои во извештајот.

Покрај навредите, потценувањата и квалификациите на национална основа, во извештајот се констатирани и правни прекршувања за кои други судии завршиле во затвор.

„Одолговлекување и верификација на предметите на нерегуларен и не ажуриран начин во АКМИС.
Да се почитува распределбата во АКМИС системот, да има докази за смената на судиите, да се разјаснат причините зошто некои судии не се во АКМИС системот и зошто биле занемарени со автоматската распределба на предметите…“, стои во наодите од Извештајот на Судскиот совет за посетата на кумановскиот суд.

Вработените и претходно преку јавно писмо упатено до Судскиот совет се пожалиле на пристапот на Манев. Во него биле нагласени стравот и несигурноста на вработените за нивната судбина. За пристапот на Манев, освен Судскиот совет, известени се и странските амбасади во земјава, а констатираната состојба во извештајот е упатена и до Владата, која е надлежна за спроведување на реформите во судството.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button