ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Претседавањето со ОБСЕ Македонија ќе ја чини неколку милиони евра

Претседавањето со ОБСЕ Македонија ќе ја чини неколку милиони евра

Да се најде начин да се врати ОБСЕ на теренот во Украина и регионот на Западен Балкан повеќе да работи за борба против криминалот и корупцијата ќе бидат два од приоритетите на претседавањето на С. Македонија со ОБСЕ годинава. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека ОБСЕ нема ингеренции да истражува криминал и корупција, туку ќе дејствува во друга насока.

„Ова прашање во моментов го преокупира регионот, а сега и безбедноста на регионот. Оттука сакаме да покренеме иницијативи преку формите и инструментите на дипломатските промени што ги има ОБСЕ за да ја подигне свеста за борбата против корупцијата на Западен Балкан“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.

До крајот на годинава, Македонија ќе треба да ја организира најголемата конференција досега, со присуство на 70 министри за надворешни работи. За ова од буџетот се издвоени околу 5 милиони евра. Османи вели и дека трошоците на државата во рамките на ова претседателство ќе бидат уште поголеми. Меѓу другото, од буџетот се издвоени 6 милиони денари за агенција која ќе има задача да креира промотивни и информативни кампањи.

„Претседавањето со ОБСЕ ќе биде многу поскапо од тие 6 милиони денари, меѓутоа проценуваме дека придобивките од самото претседавање ќе бидат многу поголеми од трошоците. Верувајте дека секој ден имаме трошоци. Имаме голема мисија во Виена со над 11 луѓе и веројатно секој од нив троши толку годишно за сместување и плати. Сепак, ова е инвестиција во која свесно влеговме, тоа е голем престиж и признание за државата“, нагласи Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е најголемата светска регионална меѓувладина организација насочена кон безбедноста со статус на набљудувач во Обединетите нации. Нејзината работа вклучува прашања како што се контролата на оружјето, промоцијата на човековите права, слободата на печатот и слободните избори. Македонија официјално го презеде претседавањето со ОБСЕ на 1 јануари и на оваа функција ќе биде до 31 декември.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button