Претставници на министерства на обука за сајбер-безбедност

Македонија речиси воопшто не е подготвена да се заштити од сајбер напади, и не случајно, речиси секој втор ден има напад врз некое министерство. Претставници на повеќе ресори од владата се обучуваат во на Универзитетот на југоисточна Европа. Проректорот Адријан Бесими вели дека е потребен буџет и за технологија и за формирање агенција за сајбер-заштита.
„…ИТ секторите во Владата се на нешто пониско ниво на подготовка, не е инвестирано во однос на стручно оспособување. И сето тоа во очите на напаѓачот се лесни мети за напад“, рече проф. Бесими.
Обуката ја поддржува и американската амбасада.
„Овие обуки се многу добри, организирани од американската влада, бидејќи собираат експерти од областа на сајбер-безбедноста. Ова се места каде што наоѓаме решенија и доаѓаме до нови идеи“, рече Марлен Нис, Амбасада на САД.
„Се соочуваме со предизвици и мислам дека како и обично, нашите меѓународни партнери нè освестуваат да го покренеме ова прашање кое е исклучително важно, а се сеќаваме на нив само кога ќе станеме жртви и кога ќе ни се случат напади или последици“, рече Абдилменаф Беџети- ректор на УЈИЕ.
Државните институции, особено министерствата, но и дирекциите речиси секојдневно се жртви на хакерски напади, како последниот со Фондот за здравство. Поради зачестените напади, Министерството за информатичко општество донесе одлука за формирање на агенција за компјутерска заштита.
Башким Сулејмани