
Црна Гора денеска (16 мај) ќе ги собере лидерите од Западен Балкан и претставници на Европската Унија и САД на самит на кој ќе разговараат за планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Домаќин на самитот во Котор, под слоганот „Еден регион, заедничка визија“ ќе биде премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
На состанокот ќе учествуваат и европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеј и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан.
Стејт департментот соопшти дека О’Брајан и другите учесници на самитот во Котор ќе се фокусираат на регионалната економска интеграција и можностите за раст понудени од Планот за раст на Западен Балкан и ќе ја зајакнат силната американска поддршка за патот на Западен Балкан кон членство во ЕУ.
Заедно со лидерите и министрите на земјите од регионот, во Котор беа поканети и партнерски организации, како што се Советот за регионална соработка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светската банка, Транспортната заедница, Атлантска алијанса, Енергетска заедница, Фондација Отворено општество, РеСПА, ГИЗ.