
Претседатели на одделни стопански комори кои до пред извесен период беа дел од Сојузот на стопански комори обвинуваат дека новото раководство на ова бизнис здружение работи криминално. Поради кршење на статутот и како што велат, на незаконски одржано собрание, се избираат нови раководни лица. Поради тоа коморите за сметководство, градежништво и туристичко-угостителската комора решиле да се повлечат од Сојузот.На нивно место сега поставуваат нови претседатели и управни одбори, спротивно на статутот, тврдат од туристичко-угостителската комора.
„Заради сите овие работи ќе следат и кривични пријави за лицата коишто го прават сето ова, односно за оние кои ставаат во правен промет документи кои што се лажни. Исто така се претставуваат и лажно пред јавноста и доведуваат во заблуда голем дел од членовите“, рече Мартин Ангеловски, претседател на туристичко угостителска комора.
Од овие три комори ги повикаа институциите да внимаваат со кого потпишуваат меморандуми и други официјални документи, бидејќи новоизбраните претседатели на дел од коморите, не може да бидат внесени во Централниот регистар.
„Тоа што е фрапантно и запрепастувачки е што одредени луѓе кои непознавајќи ги статутарните промени, пристапуваат до одредени мерки кои му наштетија на сојузот на Стопански комори, меѓутоа и на одредени фирми коишто беа исклучени“, рече Драган Митковски, претседател на Комора на сметководители.
Сојузот на стопански комори е формиран пред 17 години. Откако Данела Арсовска пред да стане градоначалничка на Скопје, се повлече од ова бизнис-здружение, ја наследи Трајан Ангеловски. Алсат побара став од Сојузот. Оттаму ни рекоа дека дополнително ќе се произнесат во јавноста за актуелните случувања.
Иле Петревски