Превозници: Блокади на улиците ако не се исплати долгот

Приватните автобуси од линиите 9, 12, 22, 23 и 45 на „Слобода превоз“ и денеска не сообраќаа. Штрајкот на возачите продолжи во знак на револт за неисплатените долгови од ЈСП. Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ рече дека сакаат средба со градоначалничката на Скопје бидејќи според него погрешно била информирана за нивните барања. Долгот на градот кон нив, како што рече Јовановски, е повеќе од 61 милион денари. Тој напомена дека возачите размислуваат и за блокирање на патиштата.
Градоначалничката на Скопје денеска не реагираше по оваа изјава на Ленин Јовановски. Од Град Скопје велат дека Данела Арсовска својот став по ова прашање го соопштила на конференцијата вчера. Арсовска рече дека не се чувствува виновна за долгот, дури ги обвини и приватните превозници за неправилности во работењето.
На ваквата состојба реагираше и ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека единствен лек за неспособноста на Данела Арсовска се предвремените парламентарни избори и ги обвинија СДСМ дека барале начини нивните фирми да ги добијат парите. Од СДСМ одговорија дека одговорноста за штетата што ја претрпе Град Скопје годинава е на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, бидејќи создадената ситуација ја покажува сета неспособност на оние кои бараа гласови и ја поддржаа Данела Арсовска.
Еви Шкопи