Превозници: Постапките на Арсовска се деструктивни
Превозници: Постапките на Арсовска се деструктивни

Приватните превозници велат дека целосно ја изгубиле довербата во градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, па не конкурирале на последните повици за одредени линии. Превозниците велат дека Арсовска со секоја изјава докажува дека нема интерес да го реши проблемот со јавниот превоз, ниту пак со долгот на приватните превозници. Исен Халили вели дека условите во повиците на град Скопје биле скандалозни, бидејќи првично бараниот број автобуси не задоволувал ниту 20 отсто од потребите, а обврските биле неприфатливи.
„На тој конкурс беше планирано да го самофинансираме превозот, и по три месеци да ја извршат исплатата. Па не е можно да го направиме тоа, но имајќи во предвид што ни должат пари, и три месеци не ни платија, и играат пинг-понг со нас, те Град Скопје ви должи, те никој не ни должи, кој ќе ни плати после три месеци, и дали после три месеци ќе ни кажат парите да ги бараме на суд, ова е неприфатливо“, рече Исен Халили, приватен превозник.
Според приватните превозници, скандалозна е иницијативата на Град Скопје за купување на 50 еколошки автобуси, кога на паркинзите секојдневно се расипуваат над 70 вакви автобуси. Велат дека и да се купат тие автобуси, нема да се подобрат условите за јавен превоз, бидејќи во моментов треба да има повеќе од 200 автобуси. Превозникот Масар Алија, вели дека постапките на Арсовска се поразителни за нив.
“За нас е уништувачки, бидејќи сме купиле автобуси и ни останаа во паркинг нерегистрирани, бидејќи поскапе плинот. Многу сме оштетени и физички и психички, сите сме инвестирале три децении, некои по две децении, со долгови и заеми, а на паркинг ни останаа автобуси“, изјави Масар Алија, приватен превозник.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, пред некој ден повтори дека нема да се сретне со приватните превозници и немаат долг кон нив, приватните превозници велат дека очекуваат премиерот да го одржи ветувањето дека ќе посредува во решавањето проблемот, градот Скопје и Јавното претпријатие да го платат долгот од над 500 илјади евра. Приватните превозници не се во оптек веќе трет месец, бидејќи немаат добиено пари за својата работа. И денеска авобуските постојки беа преполни со граѓани кои чекаа, а автобусите беа преполни./Алсат.мк
Мефаил Исмаили