ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Превозниците немаат намера да ги поевтинат меѓуградските линии

Граѓаните кои патуваат од еден во друг град на територијата на државата ќе продолжат да плаќаат билети по сегашните цени. Во моментов транспортните компании не размислуваат да ги намалат цените на услугите и покрај поевтините горива.

Advertisements

„Во моментов не размислуваме за намалување на цената на билетите бидејќи нема гаранција дали вака ќе продолжи цената на дериватите или ќе има ново поскапување“, велат од една транспортна компанија.

Некои од помалите превозници со кои контактиравме велат дека не можат да направат корекција на цените бидејќи тоа зависело од поголемите компании.

„Треба да има намалување на цените, но ние како мали компании не можеме да ги корегираме бидејќи тоа зависи од поголемите кои им ја диктираат цената на билетите на малите кои имаат помалку транспортни линии“, додаваат од една транспортна компанија.

„Во моментов нашите служби прават анализи и за неколку дена ќе имаме појасна слика дали цената на дериватите ќе се стабилизира. Секоја компанија сама одлучува за цената на билетите на своите линии“, велат од компанијата.

Граѓаните пак, сметаат дека треба да има поевтинување. Сепак, не очекуваат тоа да се случи, бидејќи како што истакнуваат, во земјава промена на цените има само кога тие треба да поскапат.

„Од Куманово до Скопје секој ден по 170 денари за на факултет“, вели еден студент.

Граѓаните почнаа да плаќаат поскапи билети од јуни, кога цените на дериватите се искачија на рекордно ниво. Во тој период билетие во еден правец поскапеа од 20 до 50 денари. Но, сега цената на дериватите е намалена за околу 30 отсто, но билетите и понатаму се продаваат по висока цена.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button