Пријави против шест полицајци за што овозможиле бегство на затвореници
Пријави против шест полицајци за што овозможиле бегство на затвореници

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против шест затворски полицајци кои овозможиле бегство на седум правосилно осудени лица кои издржувале казна затвор во отвореното одделение во затворот Идризово.
„Со давање лажни податоци кон раководните затворски полицајци, тие им овозможиле на група осудени лица да бидат надвор од рамките на затворот, на начин што при утврдување на бројната состојба на осудени лица имало седум отсутни. Пријавените полицајци на истиот ден работно ангажирани на работни позиции во установата, не преземале дејствија за да го задржат осуденото лице Р.К. да го напушти затворот, кој пред нив се упатил кон вратата од пријавницата и избегал„, велат од МВР.
Во меѓувреме, Обвинителството веќе отвори предистражна постапка за овој случај и определи мерки за претпазливост за петмина затворски полицајци.
„Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка предложи на петмина осомничени да им бидат определени мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска на обвинетиот кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна исправа и забрана за преземање на определени работни активности – затворски полицаец„, велат од ОЈО ГОКК.
Од обвинителството информираат и дека за еден од осомничените затворски полицајци истите мерки веќе се определени во друг предмет кој се води против него. Согласно Кривичниот законик за делото за кое се товарат, предвидена е затворска казна од три месеци до пет години./Алсат.мк
Михаило Донев