Приватните автобуски превозници ги вратија „крнтиите“ на улиците

Низ Скопје повторно возат 25 стари автобуси произведени пред околу 50 години кои возат на нафта. Ова се должи на поскапувањето на метанот од 50 на 110 денари. Приватните превозници велат дека сега нивните еколошки автобуси остануваат паркирани, а тоа им нанесува сериозни финансиски штети.
Превозниците велат дека веќе еден месец пропаѓаат бидејќи отплаќаат кредити за новите еколошки, а нефункционални автобуси, а тие пак се уништуваат додека седат на паркинг.
За екологистите, враќањето на старите дизел автобуси на улиците на Скопје е чекор наназад во ублажувањето на аеро-загадувањето.
„Проблемот кај нас е што долго, 30 години работиме без план, не се прават вистинските чекори и поради тоа оваа криза придонесе да направиме чекор назад наместо да одиме напред. Ваквиот начин на работа без план, денес за утре, доколку продолжи понатаму, ќе придонесе во наредните години, можеби и со децении и ќе продолжиме да имаме загаден воздух во Скопје“, рече Давор Пехчевски, од Еко свест
По поскапувањето на метанот, приватните превозници и Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје побараа субвенции за и понатаму да продолжат да ги користат еколошките автобуси. Од Град Скопје велат дека му помогнале на ЈСП да закрепне пред да порасне цената на метанот, а од Владата одговорноста ја префрлија кај Градот Скопје./Алсат.мк
Мефаил Исмаили