Приватните превозници и денеска не возат, се очекува одлука на вонредна седница на Советот

Приватните превозници и денеска(29 ноември) нема да возат низ скопските улици, но се надеваат дека од понеделник ќе се вклучат во сообраќај. По вчерашната средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ на која беше договорено на вонредна седница на Советот да биде донесена одлука за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари, превозниците изјавија дека се откажуваат од блокадите што претходно ги најавија, оценувајќи го предлогот на ВМРО-ДПМНЕ како одличен.
„Треба да направиме координација со нашите превозници, знаете дека финансиски ние сме исцрпени. Треба да видиме дали ќе ни се исплатат средствата, да видиме што ќе каже градот во однос на ова и откако ќе ја направиме консултацијата, ќе донесеме одлука од кога ќе почнеме да возиме. Се надевам дека од понеделик наместо блокади, ние ќе бидеме на скопските улици и ќе бидеме на сервис на градот Скопје“, изјави Јовица Зафировски како претставник на приватните превозници.