Приватните превозници ја продолжуваат блокадата пред Град Скопје

Приватните превозници и денеска продолжуваат со блокада на булеварот „Илинден“ кај Град Скопје. Блокирани се лентите на булеварот на потегот од Фонтана до крстосницата кај ГОБ „8 Септември“.
Помош да се најде решение за проблемот со исплатата на долгот од Град Скопје, во петокот побараа и од премиерот Димитар Ковачевски до кого, велат, испратиле барање за средба.
Премиерот во интервју за МИА посочи дека тоа треба да го решат градоначалничката на Град Скопје и мнозинството во Советот на Град Скопје.
– Решавање на дневни, менаџерски проблеми, како што е овој со превозниците, тоа не е работа на Владата, тоа треба што поскоро да го реши градоначалничката и мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ да им го врати функционален градот на скопјани. Кавгите, граѓаните не ги интересираат, туку решенијата, вели Ковачевски.