Приведен крадецот што го испразнил магацинот со храна во велешката градинка

Приведен е велешанецот кој е осомничен оти го ограбил магацинот со храна во шестиот клон на детската градинка „Димче Мирчев“ во Велес, чија кражба беше пријавена пред десетина дена.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, одземените производи од магацинот биле пронајдени кај него и вратени на градинката.
„На 23.03.2022 во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода М.З. (31) од Велес. Тој се сомничи дека на 14.03.2022 влегол во градинка на ул. ‘Коле Цветков’ во Велес и од магацинскиот простор одзел повеќе производи. М.З. бил приведен во полициска станица, а одземените производи биле пронајдени кај него и вратени на градинката“, посочуваат од МВР.
Како што додаваат оттаму, по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Грабежот на магацинските резерви на храна во шестиот клон на велешката градинка „Димче Мирчев“ беше пријавен пред десет дена, на 14 март, кога од СВР Велес потврдија оти од градинката биле украдени поголеми количини на прехранбени производи.