Проблеми со „онлајн“ апликацијата на МОН за упис на првачиња

Запишувањето на првачињата „онлајн“ што го промовираше министерката за образование, Мила Царовска се одвива со проблеми. Родители со кои Алсат разговараше, но кои не сакаа да зборуваат пред камера, велат дека електронскиот начин за аплицирање е многу комплициран, особено кога апликацијата се појавува само на македонски, а не и на албански јазик. Од Министерството за образование не ни одговорија дали планираат да има платформа и на албански? За да ги избегнат овие тешкотии, многу родители одлучија да ги запишат своите деца во прво одделение со физичко присуство, аплицирајќи однапред за терминот на училишната адреса. Во основното училиште „Хасан Приштина“ во Скопје годинава се очекува да се запишат над 140 првачиња.
„Интересот на родителите во моментов е на ниво во согласност со бројот што го очекуваме, 140 или 150 ученици кои ќе бидат запишани во нашето училиште. Засега тие се пријавија, имаме две апликации, ја имаме училишната апликација и апликацијата што ја достави Министерството за образование, е-услуги. Во е-услугите немаме закажувања, додека во училишната апликација закажавме над 20 родители кои чекаат датуми за упис на своите деца.“
Поради протоколите за заштита од Ковид 19, на секој ученик му се даваат 30 минути за упис. Од документите потребни се копија од извод од матичната книга, лична карта од родител или старател, потврда за задолжително примени вакцини и потврда од очно и од забар. Во прво одделение детето треба да се запише кога ќе наполни шест години до крајот на календарската година.
Melihate Rustemi