Проблеми со распределбата на учебниците низ училиштата
Проблеми со распределбата на учебниците низ училиштата

Бавно оди распределбата на учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение во основното образование кои се дел од новиот наставен концепт. Од Министерството за образование најавуваа дека до крајот на ноември ќе биде завршена распределбата на 70 отсто од книгите, но во одредени училишта бројот на овие учебници е симболичен. Во основното училиште „Петар Здравковски-Пенко“ од општина Бутел пристигнале само 50 учебници.
„Во нашето училиште министерството почна да дистрибуира многу мал број, околу 50 книги само на македонски и турски јазик. Наставниците веќе завршија со материјалот што беше доставен за првите три месеци, но, за среќа, наставниците се ентузијасти, имаат елан, поголема подготвеност за работа и го искористија својот максимум за да го надоместат изгубеното од наставниот план“,рече Хана Османи, библиотекарка.
Во меѓувреме, наставниците ќе продолжат сами да се снаоѓаат.
„Книгата е само помошна алатка, секако дека ученикот треба да ја има, но за наставникот мислам дека не треба да има толку многу потешкотии бидејќи преку разни работни листови, особено од првиот циклус, можеме да работиме…“, изјави Хатиџе Топали, учителка.
Според Министерството, веднаш по објавувањето и доставувањето на учебниците за основно, ќе продолжи доставувањето книги за средното стручно образование./Alsat.mk
Мелихате Рустеми