
Со стапувањето во сила на одлуката за забрана на промотивните акции на прехранбените производи во трговијата на мало, маркетите ги отстранија од полиците артиклите со акциски цени. Веќе нема да може да се нуди оваа опција бидејќи надлежните открија дека токму во овие случаи се прават манипулации со цените и се избегнува можноста за намалување и нивно замрзнување. Од Владата велат дека оваа одлука е донесена за да се заштитат граѓаните од манипулации со цените. Во во вторник ќе започне и одлуката за замрзнување на цените со намалување од 10 отсто за околу 50 основни прехранбени производи.
„Оваа одлука е донесена согласно член 29 од Законот за трговија, заради нарушување на домашниот пазар. Со оваа одлука ќе се намалат можните манипулации при ваков вид продажба на земјоделско-прехранбени производи, ќе се намали и спречи нарушувањето на внатрешниот пазар поради злоупотреби при продажбата на поединечни производи и стоки. Одлуката е граѓаните да ја знаат точната и реална цена на производот и да не се залажуваат со цените на прехранбените производи. Одлуката ќе се применува до 30 ноември 2023 година“, велат од Владата.
Но, граѓаните велат дека ова не е доволно. Со замрзнувањето на цените кога тие веќе го достигнаа врвот, повеќето сметаат дека ќе профитираат само трговците. И покрај тоа што за референтна цена ќе се определи некој од деновите во летните месеци, граѓаните велат дека намалувањето за 10% нема да донесе никакво олеснување во нивниот семеен буџет.
Надлежните најавувата засилени контроли на пазарниот инспектора, па дури и затворање на продавници ако не се почитуваат одлуките. На среден рок, Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе мора да открива измамници или интерни договарања за манипулација со цените во услови на криза. Но, долгорочно, експертите сугерираат да се поддржат локалните производители и пазарот да не зависи премногу од увоз бидејќи кај нас скапо се продаваат производи кои во странство чинат евтино.
Аднан Ќаили