Продолжи расправата за Законот за градба

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека со предлог-измените на Законот за градење за Коридорите 8 и 10Д, на секој објект што ќе се гради му се дава право да биде квалификуван како објект на стратешки интерес и да се игнорираат одредбите за дозволи за градба. Во Комисијата за европски прашања, каде што се расправа за предлог измените, опозицијата поднесе 19 амандмани.
Но, пратениците од мнозинството велат дека целта на предложените измени на законот е да се скратат процедурите за градба. Арбр Адеми од ДУИ нагласи дека секогаш може да се најдат причини за противење, но важно е вели двата коридора да се изградат.
„Јас лично ве молев – ајде дадете забелешки, да ги ставиме во предложениот закон и заедно позиција – опозиција да ги гласаме затоа што ова е голем инфраструктурен проект, но ние немавме никаков конструктивен пристап од вас“, рече Адеми.
Пратениците на пленарната седница расправаат и за предлог-измените на законот за работни односи, каде мнозинството бара работното време да се зголеми над 40 часа неделно, додека од опозицијата велат дека барањето на власта е неуставно и на штета на градежните работници.
Мефаил Исмаили